Наредните денови прегледи и советувања за рано откривање и лекување на хипертензија

15 мај 2018

Се поголем е бројот на млади лица кои имаат висок крвен притисок-хипертензија. Раното откривање, превенција и навременото и правилно лекување на високиот крвен притисок е неопходно, со оглед на тоа што хипертензијата е еден од најголемите ризик фактори за појава на срцеви, мозочни и бубрежни заболувања, нагласуваат стручните лица.

 

 - Најчести причини за појава на висок крвен притисок се неправилен начин на живот, исхрана, генетски предиспозиции, слаба физичка активност, хормонални причини. Но, не секое мерење на висок притисок значи хипертензија. Морада се извршат повеќе периодични мерења и следења за да се каже дека станува збор за хипертензија, вели д-р Елена Коваческа Башуроска, директор на ЈЗУ Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид.    

 

Со цел подигнување на свеста на граѓаните околу значењето на навременото лекување на хипертензија, Заводот за превенција лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања-Охрид во соработка со фармацевстката куќа КРКА и годинава со низа активности се вклучува во одбележувањето на Неделата на хипертензија.

Утре 16 мај, од 10 до 14 часот, во просториите на заводот се организираат бесплатни прегледи: мерење на крвен притисок, ЕКГ и давање здравствени совети од стручен тим.

Тимови од заводот во четврток и петок ќе посетат и неколку јавни институции, меѓу кои локалната самоуправа, СВР Охрид и Противпожарната служба каде на вработените ќе им мерат крвен притисок и ќе вршат едукативни предавања.