Заводот за кардиологија во чекор со светските трендови
Во Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид се одржа едукативен настан на кој главен предавач и едукатор беше Д-р Ралф Ланхоф од клиниката во Берлин, кој се вбројува меѓу најпознатите доктори во Европа во областа на интервентната кардиологија. Д-р Ралф Ланхоф е дел од работната група на ЕУ која дава препораки за третман во делот на кардиологијата, а кои се применуваат и во Кардиолошкиот Завод во Охрид.
- Д-р Ралф Ланхоф е познато звучно име во Европа и работи на групите за примена на Европските препораки за периферна артериска болест. Ова секако се корисни настани и наш препознатлив начин на стручна едукација, и преку стручна дискусија заземање заеднички ставови за периферната артериска болест, изјави Д-р Елена Коваческа Башуроска, директор на Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид.
Ова е ретка можност докторите од Република Македонија и соседните земји кои учествуваат на настанот да стекнато нови вештини и знаења во делот на третманот на периферна артериска болест. Заводот за кардиоваскуларни заболувања втора година по ред прави ваков настан со пренос во живо на видео сигнал од сала, што претставува најсовремен модел на пренесување на нови знаења во медицината. Предавањето на Д-р Лагоф можеше да се следи преку интернет во живо и надвор од болницата.
- Може да се каже дека сме лидери во овој регион за воведување модели за континуирана медицинска едукација. Таквото темпо ќе продолжи и во иднина , се со цел нашите доктори да имаат можност да се стекнат со нови знаења. Ова е практична работилница на која се пренесуваат знаења за техники и вештини. Ние реално работиме врз пациенти, вршиме интервенции кои ги гледаат учесниците и на интерактивен начин разменуваме знаење, рече д-р Никола Бакрачески, шеф на интервентната кардиологија во Охрид.
Д-р Ланхоф, медицинскиот кадар на Кардиолошкиот Завод во Охрид, го оцени како исклучително способен, со високо ниво на знаење и вештини во работата.
- Би рекол дека во делот на вештини, можам да кажам дека докторите на оваа болница се способни да не следат во овие процедури. Потрошниот материјал за овие процедури се многу се скапи, но болницата ги има. Нивото на искуство и способности на докторите од оваа болница се многу добри. Нивото на едукација е многу високо теоретски и практично, изјави пред медиумите Д-р Ралф Ланхоф.
На настанот присуствуваа еминентни кардиолози од Србија, Бугарија и Романија, од различни специјалности кои разменуваа искуства, ги учеа новите процедури за третман на оваа болест која е се подоминантна кај популацијата.